Успешно спроведена работилница за стратегијата за доживотно учење 2016-2020 година
28 ноември 2016

Втората консултативна средба во врска со подготовката на Стратегијата за доживотно учење 2016-2020 година се одржа на 28 ноември 2016 година, на која се собраа проектните експерти и релевантните чинители во хотел „Арка“ во Скопје, со цел да дискутираат за сегашната состојба во секторот и насоките за неговиот иден развој.

Стратегијата за доживотно учење 2016-2020 година е еден од клучните документи предвидени во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системите за стручно образование и обука и образование на возрасни“ којшто го реализира Британскиот совет и неговите конзорциумски партнери.

Г-ѓа Маријана Матаќе, Клучниот експерт на проектот за образование на возрасни и доживотно учење, во нејзиното воведно обраќање, изнесе детали во однос на досегашното одвивање на проектот и начинот на кој доживотното учење ќе придонесе за целокупните напори за унапредувањето на оваа област.

„Два извештаи се веќе достапни во поглед на институционалната поставеност и врските помеѓу организациите коишто се инволвирани во разноликоста на доживотното учење, вклучувајќи ја и правната рамка. Вториот документ е Оценката на потребите за обука за засегнатите институции и анализата на потенцијалите за зголемување на капацитетот на корисниците на обука“ – рече г-ѓа Матаке.

Со една многу инспиративна презентација, доц. д-р Елена Ризова, Претседател на Советот за образование на возрасни, го прикажа концептот и дефиницијата на доживотното учење, како истото може да се спроведе, улогата што тоа би можело да ја има во иднината и насоката што треба да се следи за да се стигне дотаму.

Проф. д-р Хериберт Хинзен, Неклучен експерт за доживотно учење, ангажиран од проектот, презентираше примери од теоријата и праксата за доживотно учење во европските држави. Тој, исто така, се повика на документите што тековно се усвојуваат и донесуваат на меѓународно ниво. Еден од нив се фокусира на заложбата „Да се осигури инклузивно и правично квалитетно образование и да се обезбедат можности за доживотно учење за сите“ – дел од Целите за одржлив развој на Обединетите Нации.

Со работата во групи и последователните дискусии, оваа работилница обезбеди големи можности за главните чинители – Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа, Центарот за стручна обука, Центарот за образование на возрасни, Отворените граѓански универзитети и претставниците на неколку други институции – да обезбедат дополнителен увид и информации во врска со целите и предизвиците што треба да се земат предвид во рамките на Стратегијата за доживотно учење 2016-2020 година. Учесниците, исто така, се договорија за следните чекори и за работниот план за развој.