Стратешкиот менаџмент во образованието е клучен за добри резултати – одржани семинари во Пелистер и Скопје
21 Април 2017

Системот за стручно образование и обука (СОО) има клучна улога во подготовката на младите лица за работа и во развивањето на вештините кај возрасните.  Стратешкиот менаџмент во институциите за СОО и за образование на возрасни е една од клучните компоненти за успех и ефективност, како и за постигнување на добри резултати.

Од овие причини, тимот на проектот „Јакнење на доживотното учење“ финансиран од ЕУ организираше два семинари на темата „Вештини за стратешки менаџмент и мониторинг и евалуација во доживотното учење“ што се одржаа во националниот парк Пелистер во периодот 20-21 април 2017 година и во Скопје на 4 мај 2017 година.

На семинарите присуствуваа претставници од основните училишта, училишта за СОО, работнички универзитети, Центарот за СОО, локалните занаетчиски и стопански комори од општините: Битола, Ресен, Новаци, Могила, Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Прилеп, Скопје, Куманово и Кратово. Семинарите ги спроведе експертот во областа, професор Миомир Деспотовиќ од Универзитетот во Белград и г-ѓа Мариана Матаке, клучен експерт на проектот за образование на возрасни.   

Целта на семинарот беше јакнење на вештините и компетенциите на учесниците за стратешки менаџмент, но исто така и создавање простор за размена на искуства и примери со добри практики на стратешки менаџмент во образовните институции.  

Во средина на учење која поттикнува активно учество, учесниците на семинарот имаа можност да дискутираат за моделите и методите на управување со СОО и со организациите за образование на возрасни, за клучните должности и одговорности на менаџерите, како да подготват стратешки планови, како да организираат, водат и контролираат.   Подеднакво важно е дека учесниците научија и како да применуваат различни методи и техники на мониторинг и евалуација во нивната секојдневна работа.  

Во суштина, стратешкиот менаџмент е процес на анализирање и истражување на внатрешната и на надворешната средина, на исполнување на потребите на учениците, исполнување на потребите на пазарот на трудот и континуирано подобрување на квалитетот на процесите на учење.